За патронот на училиштето

За Војдан Чернодрински

Војдан Поп Георгиев Чернодрински (15 јануари 1875—8 јануари 1951) е основоположник на македонското драмско творештво и театар.

Чернодрински е роден во с. Селци, Дебарско. Учел гимазија во Солун, па во Софија, каде го основал гимназискиот литературен кружок „Македонски зговор“. Бил член и на „Младата македонска книжовна дружина“. Контактите со македонските емигранти влијаеле врз формирањето на неговата национално-револуционерна и социјалистичка свест. Во Грац и во Берн студирал правни науки, но не ги завршил.

По многу перипетии на сцената на Софискиот театар, на 7. ноември 1900 година,  успеал да ја постави драмата „Македонска крвава свадба“.

Успехот на претставата го поттикнала тој да формира македонски театар.

На своето име си го додал псевдонимот Чернодрински и ја оформил драмската група „Скрб и утеха“ (1901), која подоцна прераснала во „Столичен македонски театар“ (1902) и патувал низ Бугарија, Србија и Македонија.

Учествувал во Балканските војни и во Првата светска војна и го доживеал распарчувањето на Македонија. До крајот на животот живеел во Софија.

Освен „Македонска крвава свадба“, тој ги напишал и едночинките: „Дрвари“, „Во меаната“, „Мајстори“; драмите: „Македонска емиграција“, „Зло за зло“, „Од глаата си патиме“, „Робот и агата“, „Срешта“ и др.

„Македонска крвава свадба”

„Македонска крвава свадба“ за првпат е поставена на сцена 1900 година. Инспирација за пишување на драмата е вистински настан, прочитан во весник.
Според жанрот таа е битово-социјална трагедија. Темата во драмата е љубовта на двајца млади (Цвета и Спасе), која не може да се оствари заради самоволието на турските владетели (Осман-бег). Идејата, пак, е да се прикаже тешкиот живот на македонскиот народ во последните години на турското владеење.
Композициски драмата е градена класично, во пет дејствија со: експозиција, заплет, кулминација, перипетија и расплет. Таа е драма на конфликтот (судирот).
Како битово-социјална, јасно е дека во драмата е прикажан начинот на живеење на Македонците и нивните обичаи. На нива се пеат жетварски и комитски песни, јазикот е народен испреплетен со народни поговорки, на свадбата ги имаме обичаите на земањето на невестата, исто така проследени со песна, потоа верувањето во сонови и нивното толкување. Во драмата е прикажан судирот меѓу доброто и злото, меѓу поробените и освојувачите, меѓу сиромашните и екслплоатирани селани и богатите паши и бегови кои се претерано самоволни.